СЛЕДНИ НАСТАНИ
Куклена претстава за деца до 10 годишна возраст Куклена претстава за деца до 10 годишна возраст 22 апр. 2024, 09:30 / 11:00 часот Скопје КУПИ БИЛЕТ
ЗЕЛЕНКОВЦИ ЗЕЛЕНКОВЦИ 23 апр. 2024, 09:00, 10:00 часот Скопје КУПИ БИЛЕТ

Во културниот дом „Димитар Влахов“ вчера вечер се одржа премиерата на претставата „Две нијанси црвена - Ожени ме“, во продукција на „Театар провокација“.

Нешто повеќе од час време ќе посведочите на тема од секојдневието преточена во забавен драмски текст, проткаен со актуелни размислувања за љубовта и бракот.

Што кога девојката сака брак со момчето со кое е долги години во врска, а тој не сака? Дали секогаш љубовта мора да се круниса со брак или тој е само старомодна архаична институција со која општеството го стигматизира човекот за да може полесно да го манипулира. Дали бракот е продолжување на среќата и љубовта или прекинувач?

Ова се само дел од прашањата сместени во современ контекст со реплики кои мамат насмевки. Во улога на режисер и продуцент се јавува Роберт Ристов, со кој имавме можност да поразговараме зошто публиката да ја погледне оваа романтична комедија:

„Стојам зад ставот дека се работи за добра претстава, која нуди една актуелна тематика, која ќе ве натера да си ги преиспитате ставовите во вашата љубовна врска/брак и доколку го имате вклучено копчето АВТОПИЛОТ, да го промените тоа. И оваа претстава си има еден свој, поинаков печат со тоа што, на сцената освен акерите Изабела и Бранко, настапува и саксофонистот Бобан Цветановски, коj освен што ја разнежнува душата со музиката која ја изведува во живо, многу успешно се справува и со одредени актерски задачи. Присуството на овој лик во мојот концепт, го поистоветувам со присуството на љубовта, така што музиката/љубовта е присутна од почетокот до крајот на претставата. Текстот е компилација од неколку американски актуелни серијали и филмови и е дополнтелно локализиран, со што успеавме да добиеме една многу приемчива претстава која одлично комуницира со публиката“, објаснува Роберт.

Сара и Игор се ликовите кои ги глумат Изабела Јакимова и Бранко Атанасов, кои успешно ќе ја доловат и драмата и комичноста при развивање на една љубовна приказна. Двајцата се колеги од иста класа, се познаваат години наназад и се неразделни, што била уште една од причините поради кои Ристов се одлучува да ги одбере, а пред сè поради неспорниот талент што го поседуваат, со кој како вели режисерот, верува еден ден ќе бидат на врвот во актерските води.

„Публиката би требало да ја погледнат претставата бидејќи обработува скокотливи и актуелни теми кои се од огромна важност денес. Според мене, претставата не е само комична туку и прилично поучна. Јас го играв ликот на Сара. Ставовите што тој лик ги застапува се тотално спротивни од Изабела и баш затоа ми беше огромен предизвик да го играм овој лик. Процесот беше прекрасен, многу научив од него и навистина ми беше многу забавно да чекорам во кондурите на лик кој е тотална спротивност од мене. За Сара љубовта се докажува со брак, за Изабела која не верува во брак, љубовта се докажува со дела и разбирање, со отвореност спрема партнерот и простор за компромис. Љубовта има безброј нијанси и баш тие нијанси ја прават романтиката и ти го даваат чувството како да ќе полеташ“, вели Јакимова.

И Бранко ги сподели своите искуства.

„Во драмата се поставуваат прашања кои се мошне актуелни во нашето општество и веќе почнуваат да ги засегаат и нашите генерации, а со тоа можам да кажам дека и јас имав веќе свој став околу сите овие теми кои ги обработува претставата кои не беа нешто поразлични од ликот кој го толкував во претставата. Па, со оглед на тоа дека работевме во време на пандемија во еден стадиум од процесот имавме и онлајн проби но, тоа не ни претставуваше проблем. Имавме многу убав процес кој ќе го паметам засекогаш, а за тоа беше заслужна целата екипа која беше многу посветена и едвај чекавме да дојде следна проба. Љубовта има безброј нијанси и ако само се препуштиме на неа ќе можеме да ги откриеме. Во овие претстави прикажуваме неколку кои верувам дека сите парови ги поминале или ќе ги поминат. Па затоа нека дојдат на претставите да видат што ги чека“, низ насмевка вели младиот актер.

Но, оваа приказна не би била комплетна да не беа и автентичните костими. За нив се погрижи домашната модна куќа Елена Лука., на која овој тип креативност и ангажман ѝ е веќе добро познат.

„И овој пат тимот на ЕЛЕНА ЛУКА се покажа како исклучително креативен, и со префинето чувство за театарска естетика, направи сценско-функционални и тематски издржани костими. Одллично се разбираме. Комуницираме на иста фрекфенција. Им благодарам од срце!“, вели Ристов.

И од модната куќа се радуваат што имаа можност да бидат дел од уште еден нов и креативен проект.

„Косимографијата не ни е нешто непознато, а со екипата од Театар Провокација досеа сме имале можност повеќе пати да соработуваме. Им благодариме на довербата. Инспирирани од љубовта, од тоа што таа сè може да претставува, направивме неколку костими кои ја вклучуваат токму црвената боја. Внимававме на деталите, но уште повеќе на (мулти) функционалноста и удобноста, бидејќи и тоа е исклучително важно при реализирањето на еден ваков проект. Уживавме во реализирањето на визуелниот дел на оваа приказна исполнета со смеа, сексапил и секојдневие, претставени секако и преку костимографијата“, велат од модната куќа.

После „Ожени ме" следува „Разведи ме", а двете претстави се всушност две поглавја од „флип“ изданието на претставите со заеднички наслов „Две нијанси црвена". На крај го прашавме Роберт и дали навистина љубовта има само две нијанси црвена.

-Ова е еден уникатен начин да се опфатат две теми/ претстави кои се во нераскинлива врска и претставуваат лице и опачина, едната на другата. И двете говорат за нијансите во љубовта, кои се суштината за негувањето на една љубов. Инаку, токму во овие две претстави, говорам за тоа дека во љубовта се содржани повеќе нијанси кој се во постојана промена, под влијание на светлината и мракот. Ние, со својата посветеност и со своите постапки, сме креатори на нијансите во сопствената љубов - порачува Ристов.

Во продолжение погледнете уште неколку фотографии од вчерашната премиера:

Костими: Елена Лука.

Режијата и сценографското решение се на Роберт Ристов.

Продуценти на претставата: Мирјана и Роберт Ристов

Светло мајстор: Никола Димевски