СЛЕДНИ НАСТАНИ

Во културниот дом „Димитар Влахов" вчера вечер се одржа премиерата на претставата „Две нијанси црвена - Разведи ме", во продукција на „Театар провокација".

Животни ситуации кои некому му се реалност, добија своја комична верзија и ја насмеаја публиката до солзи, која ја врати актерската екипа на бис. 

Има ли љубовта рок на траење, дали бракот е продолжување на среќата и љубовта или прекинувачсе простува ли неверство или пак бракот мора да заврши со развод, се само дел од прашањата кои ги актуелизира оваа претстава.

Главните улоги ги толкуваат  Роберт Ристов - Филип, и Мирјана Поповска Ристова, која ја глуми Ана. Низ динамични и комични дијалози, тие постојано го држат вниманието на публиката. Тие се 15 години во брак, но одеднаш на виделина излегуваат несовршеностите од нивниот однос и неверставата.

На „Разведи ме“ ѝ претходеше „Ожени ме“, во која ја следевме приказната на млада вљубена двојка и моментот кога тој не сака да се жени, а за неа свадбата е исполнување на сон. Сара и Игор, односно Изабела Јакимова и Бранко Атанасов, успешно ја доловија драмата и комичноста при развивање на една љубовна приказна. За костимите се погрижи пак, домашниот бренд Елена Лука.

Тогаш со Роберт разговаравме на темата, дали љубовта навистина има две нијанси на црвена, како што вели и насловот.

-Стојам зад ставот дека се работи за добра претстава, која нуди една актуелна тематика, која ќе ве натера да си ги преиспитате ставовите во вашата љубовна врска/брак и доколку го имате вклучено копчето АВТОПИЛОТ, да го промените тоа. Ова е еден уникатен начин да се опфатат две теми/ претстави кои се во нераскинлива врска и претставуваат лице и опачина, едната на другата. И двете говорат за нијансите во љубовта, кои се суштината за негувањето на една љубов. Инаку, токму во овие две претстави, говорам за тоа дека во љубовта се содржани повеќе нијанси кои се во постојана промена, под влијание на светлината и мракот. Ние, со својата посветеност и со своите постапки, сме креатори на нијансите во сопствената љубов - порачува Ристов.

Освен Роберт и Мирјана, публиката ќе ги види и актерите Зорица П. Панчиќ (како Марта), Љубиша Савановиќ/гостин од БиХ (љубовникот) и Благоја Чоревски (таткото).

Зад режијата и сценографијата за оваа претстава е потпишан Роберт Ристов. Кореографијата пак, е на Марија Бејкова.

Двете претстави наскоро ќе се најдат на репертоарто на Домот на културата „Димитар Влахов“ во Автокоманда, па со оглед на пандемијата, веруваме дека на повеќето им недостасуваше театарската уметност, затоа не пропуштајте ја шансата малку да се подзамислите и искрено да се насмеете.